Охрид, 27. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – За скоро ќе поднесеме кривични пријави за претходното работење во ЈП „Водовод“, тогаш јавноста ќе дознае дали трпат вработените или трпат граѓаните од нивното криминално работење, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ на изнесеното во последниот допис до медиумите на ОО на СДСМ од Охрид.
– Крајно дегутантно е најнеспособната и најкриминалната СДСМ Охрид да изусти партизација за која е експерт, понатаму уште и да зборува да селективност и дискриминаторство кога истата е крајно бесчувствителна на таа тема. За каква отчетност и транспарентност зборуваат СДС Охрид и нивниот партиски пулен Јован Крлев кога тие како власт се синоним за затвореност, а отчетноста на функционерите и транспарентноста на Владата им е на пауза. А, за Буџет креиран со граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Пецаков не можете ниту да сонувате. И да биде уште посмешно, повторно ако не кој друг, туку Лионела Јаковлева, личност која мора да одработи за партиски добиеното работно место кај актуелната нејзина пратеничка и најголемиот уништувач на човечки судбини во образованието. Јаковлева, смешно и поразително е тоа што иако долги години пливавте во новинарските води никако не успеавте да разберете дека за да критикувате треба да имате цврсти факти и аргументи, а не да излегувате со празни глупости за Директорот, Градоначалникот и Локалната власт. Крајно време е веќе да започнете сите од СДС Охрид да посетувате обуки за лажни вести. ЈП „Водовод“ во третиот квартал има добивка од 15.000.000 денари, финансиски резултат во услови на двојно повисока цена на струјата и зголемени плати, кој не се памети досега во историјата на претпријатието. И да, К-15 без да си грижи Јаковлева сите вработени има да добијат согласно законските прописи, доколку не ги познава не ги проучи ќе и требаат лично за нејзините К-15. Заврши времето на аздисување на директорите на СДС Охрид по кафани, спортски натпревари во странство и делење бодови и награди од ракав на нивни блиски луѓе за лежење дома и недоаѓање на работа без соодветна законска процедура. Во ЈП „Водовод“ се донесоа акти согласно законските прописи со кои се регулира целокупното работење во делот на платите и да, навистина ќе добиваат дополнителни средства сите оние кои ќе покажат резултат во работењето. СДС Охрид се гледа дека е против да добиваат особено оние од кои зависи дејноста, тоа се техничките лица, водоинсталатерите затоа што тие се оние кои макотрпно се грижат за сите ние да добиваме вода за пиење, а кои досега биле целосно запоставени и маргинализирани.
СДС Охрид ги боли тоа што ЈП „Водовод“ покажува резултати и конечно се става ред во претпријатието. За нив тоа е чудно бидејќи не се навикнати на работа, туку се навикнати на аздисување и башибозук. За скоро време ќе поднесеме кривични пријави за претходното работење во ЈП „Водовод“, тогаш јавноста ќе дознае дали трпат вработените или трпат граѓаните од нивното криминално работење. Доаѓа времето кога ќе треба да одговарате за сите ваши криминални постапки пред законот, стои во реакцијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес