Охрид, 26. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува партизацијата на јавните претпријатија во градов, а селективноста и дискриминаторскиот пристап стана основен принцип и синоним за владеењето на Пецаков и ДПМНЕ во Охрид, стои во партиската реакција од ОО на СДСМ од Охрид.
– Најновиот, но сигурно не и последен, во низата кадровски преседани на Пецаков и неговиот директор на ЈП „Водовод“ предизвика низа реакции на вработени, кои на сопствен грб и на грбот на нивните семејства, го почувствуваа селективниот и антисоцијален партиски принцип на владеењето на ДПМНЕ. Имено, после скандалот со новата систематизација и новите решенија на директорот, следи нов скандал, во кој без никаков основ селективно и исклучиво по партиска припадност, со дополнителни решенија, наградени се дваесеттина партиски послушници и лица блиски до директорот. Задоволувајќи одредени интереси, во обид да создаде сопствен култ во редовите на ДПМНЕ, оперативната експедитивност на претпријатието забрзано опаѓа, а градот се соочува со сериозен водоснабдителен проблем, стои во дописот.
Од партијата апелираат до Пецаков и директорот на ЈП „Водовод“ , наместо да ги задоволуваат партиските апетити, да се одважат и согласно Законот и подзаконските акти да извршат исплата на регрес за годишен одмор к15 за последните три години, во спротивно ќе се соочат со соодветни пријави. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес