Охрид, 12. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Откако беше извршена подготовка на коловозот за асфалтирање кон средината на март оваа година и се санира едната коловозна лента на делот кај бензинската пумпа на „Макпетрол“ до свртувањето кон плажите „Куба Либре“ и „Кадмо“, денес продолжија работите на патниот правец Охрид-Св. Наум, на потегот кај Св. Стефан.
Работите се дел од подготовките во пресрет на летната сезона, а одговорните екипи денес започнаа со работа на лентата која води од Св. Наум кон Охрид, на делот пред хотелите „Климетица“ и „Тино“.
Одговорните апелираат на внимателно возење до граѓаните за да не дојде до несакани последици и оштетувања на возилата. Во моментов се вози во два правци на едната трака на потегот од хотелот „Силекс“ до хотел „Тино“.
Според најавите, комплетната санација се изведува на потегот од бензинската пумпа на „Макпетрол“, се` до хотелите „Силекс“ и „Славија“, каде од претходно се вршеше санација на коловозот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес