Охрид, 16. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник ќе се одржи работен состанок за разгледување на предлог- одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана опрема во општина Охрид за 2018 година.
По реакциите и незадоволството на охридските угостители, на предлог на градоначалникот оваа точка беше повлечена од дневниот ред на последната седница на градскиот совет и вратена на повторно разгледување.
Реакциите на еснафот се однесуваа на новите тарифи за поставување урбана опрема и начинот на нивно спроведување. Според нив надоместокот бил номинално покачен, а не била наведена висината и начинот на пресметување на комуналната такса, издаток кој законски гледано се пресметува на дневна основа. За угостителите дополнителна компликација во одлучувањето за колкав период да го земат под закуп просторот пред објектот е и фактот што не е извесен исходот на нивниот предлог за измена на Законот за пушење, кој во моментов е во собраниска процедура.
Од општината велат дека ќе бидат транспарентни и отворени за соработка и носење на заеднички одлуки. Непосредното учество и заедничките напори овозможуваат создавање на визија која ќе се идентификува со широк спектар на активности и ќе иницира создавање на здрава основа врз која ќе се планираат понатамошните активности, а сето тоа ќе придонесе за квалитетен туристички производ и зголемен број на гости и задоволни посетители, додаваат од локалната.
Работниот состанок ќе се одржи во просториите на општината со почеток во 15:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес