Охрид, 2. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Солидарноста и свесноста за социјално ранливите е секогаш потребна и треба сите заедно да помогнеме и да им излеземе во пресрет на нашите сограѓани од ранливите категории.
Познатиот охридски бербер Неат Алим- Шогун веќе станува препознатлив по личните хуманитарни акции кои ги спроведува за помош на оние на кои им е најпотрбна.
– Почитувани драги Охриѓани, остана само уште една недела до големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Би сакал да Ве информирам дека во недела на 7-ми април сите родители кој не се во можност да платат шишање за нивните децa, Ве молам да испратат порака на телефонот 072/564-740 на Viber, WhatsApp или Messenger на Facebook, и да закажат термин, по што ќе добијат бесплатно пострижување, порачува познатиот охридски бербер.
Неодамна тој организираше уште една Рамазанска донаторска акција, при што беше донирана нова инвалидска количка за транспорт на болни лица.
Од декември 2019 година, тој започна со акција за помош на своите охриѓани. Секоја недела од 10:00 до 13:00 часот, во соработка со Црвен крст Охрид, во неговата берберница, лоцирана во Старата охридска чаршија, тој нуди бесплатно потстрижување за ранливите категории граѓани. Преку Facebook статуси редовно ги повикува ранливите категории на граѓани на кои потшишувањето им е финансиски товар, да се шишаат кај него комплетно бесплатно. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива