Скопје/Охрид, 28. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – На матурантката Тијана Силјаноска од Охрид да ѝ се овозможи да го полага пропуштениот испит веднаш, бидејќи грешката е на училиштето, реагираат од партијата Демократски сојуз.
– Јасно е дека пропустот го направиле одговорните во ОСУ „Свети Климент Охридски“, тие треба да ја коригираат грешката и на ученичката да ѝ дозволат да полага веднаш, за да може да ги фати роковите за упис на некој од факултетите. Не е педагошки и човечки полагањето да го одлагаат за следната сесија и да даваат изјави и коментари несоодветни за образовна институција. Демократскиот сојуз го повикува министерот за образование да реагира соодветно и да води грижа за секој ученик посебно, доколку е обесправен, стои во дописот до медиумите.
Од Државниот испитен центар денеска излегоа со став дека матурантката Тијана Силјаноска од ОСУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид на 27-ми мај 2023 година не полагаше државна матура бидејќи од страна на Училишната матурска комисија на училиштето не е пријавена за полагање во Државен испитен центар.
Вчера беше објавена информација дека матурантка од охридската гимназија ја нема на списокот за матура, по што родителите побараа oдговорност. Од ОСУ „Св. Климент Охридски“ излегоа со официјално соопштение во кое порачаа дека искрено жалат што се случи ваков несакан проблем и дека нивна заложба е да помогнат и да излезат во интерес на матурантката и родителите.
– Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции. На ученичката ќе и’ биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија, стои во соопштението на ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес