Скопје/Охрид, 30. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Верувам во системот во кој имаме израснато и верувам во сестраноста на нашето школство. Исто така, во струка како архитектурата, каде што (целта е да) создавате капитални дела на одредена територија, зарем не е важно да го познавате духот на тоа место, вели Ева Зовиќ која е најдобар дипломец на Архитектонскиот факултет, потекнува од Охрид и вели дека за неа мало животно дело сака да го ревитализира Феријалното одморалиште во Охрид.
Интегрираните дипломски и магистерски студии (3+2) ги заврши со редовно и навремено полагање на сите колоквиуми и испити, односно за пет години, со просек 9,38. Го одбрани и магистерскиот труд во период од една година. Ева Зовиќ неодамна беше прогласена за најдобар дипломец на Архитектонскиот факултет при УКИМ во академската 2022/2023 година. Таа е добитник и на други награди како резултат на нејзиниот труд и посветеност во студирањето и професијата, меѓу кои и „Инженерскиот прстен“, признание што им се доделува на најдобрите дипломирани студенти од инженерските струки од страна на Инженерската институција на Македонија.
Во магистерската теза си зададе задача да придонесе за ревитализација на Феријалното одморалиште во Далјан, Охрид, проектирано уште во 1954 година од Борис Чипан. Вели дека тоа е нејзиното мало животно дело.
– Јас имам потекло од Охрид и објектот го избрав за истражување и разработка во мојата магистерска теза која гласеше: „Активен пристап кон раното модернистичко наследство – Ревитализација на одморалиштето на Феријалниот сојуз во Охрид“. По одбраната на магистерската, која беше многу успешна, работев на тоа и се јавија многу можности за актуализација на одморалиштето. Имено, повикот Call for Competitions од TerraViva бараше да се предложат локации и места со архитектонски квалитети, вредни за распишување истражувачки конкурс. Мојот предлог победи и во моментов во тек е конкурсот, односно заинтересирани кандидати на интернационално ниво имаат можност да работат слична задача како онаа што јас си ја зададов во магистерската. Моето истражување беше подлога за овој конкурс и ова е првпат Македонија да се најде во работата на ТерраВива, вели Зовиќ.
Во меѓувреме, интерес за одморалиштето пројави и Факултетот за архитектура на Американ колеџ, каде што студентите работеа слична задача и ѝ дозволија на Ева да им го претстави магистерскиот труд. Таа се надева дека на ваков начин, преку интернационална соработка, ќе успее да го заголеми интересот и да го подобри односот кон овој вид архитектонско наследство.
Комплетната сторија за Ева на порталот fakulteti.mk ОВДЕ. (Крај)
извор: fakulteti.mk фото: fakulteti.mk