Охрид, 28. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Уште едно утро стружани се будат дишејќи го густиот чад од депонијата која продолжува да гори и го прави животот во градот комплетно неподнослив.
– Проблемот ескалира од ден во ден. Се декларираме како туристички град, а видете што се случува. Како да сме дел од некој експеримент и како некој да сака да види колку ќе издржиме. Срамота е ова и пред стружани и пред туристите. Што ќе кажат тие кога ќе се вратат дома. Мора да се реагира, имаме деца, имаме внуци, велат револтирани стружани за Супер радио и OhridPress.
Струга утрово околу 07:00 часот
Од Граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга, која го крена гласот за решавање на овој проблем, вчера известија дека скоро два месеци по одржаните состаноци со претставници на локалната власт, а особено состаноците со Дамјан Манчевски и Јани Макрадули, но и со членови на Владината комисија за решавање на проблемот со депонијата на чело со поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко отсуствува конкретна реакција која би одела во прилог на решавање на проблемот со дивата струшка депонија.
– Се добива впечаток дека Власта (локалната и централната) немаат концепт во решавање на проблемот. Отсуствува отчет од работата на владината комисија, од работата на Министерството за животна средина, другите надлежни министерства, отсуствува совест кај пратениците кои потекнуваат од Струга, а кои ги претставуваат граѓаните на Општина Струга во Собрание. Досега не успеавме да слушнеме мислење од страна на пратениците (барем оние кои доаѓаат од Струга) особено од Зијадин Села како поранешен градоначалник на Општина Струга за состојбата со дивата струшка депонија. Како иницијатива не престануваме и ќе вршиме постојан притисок за решавање на проблемот со дивата струшка депонија, велат од „Доста“.
Тие барааат премиерот на Република Македонија Зоран Заев веднаш да дојде во Струга, но и конкретни мерки како оградување на депонијата со бодликава жица, поставување на камери за 24 часовен видео надзор и воспоставување на 24 часовна чуварска служба со по двајца чувари на смена кои би ја чувале депонијата организирање на секојдневни полициски патроли и патроли на пожарна Струга, за да се спречи натамошно палење на истата.
„Експериментот Струга“ продолжува, Струга утрово во 07:00 часот
По претходно изречена опомена од Основниот суд во Струга и поднесени пријави за илегален влез и нелегална работа во Република Македонија, Полициската станица од Струга протера 11 албански државјани, на кои им е изречена забрана за влез во државата во рок од една година. Тие неколку дена живееле на просторот на струшката дива депонија каде имале изградено импровизирано живеалиште и каде одредено време собирале пластичен отпад на тој дел. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Илија Чуркоски