Охрид, 21. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Се зголемува интерсот во Охрид за примање трета доза вакцина против COVID-19.
Иако на почетокот интересот за „бустер доза“ не беше на завидно ниво, деновиве е забележана позначителна заинтересираност. Само вчера трета доза примиле околу 45 лица, вели за Супер радио и OhridPress директорката на охридскиот Здравствен дом, д-р Ајсел Зејноска.
– Сега имаме позначителен интерес за вакцинација со трета доза. Има од сите профили, на почетокот беа само здравствените работници, а сега има и други граѓани, млади кои сакаат да патуваат, па примаат трета доза. Во однос на тековната имунизација за прва доза се користат вакцини на „Фајзер“ и „Синовак“, вели д-р Зејноска.
Заклучно со 17-ти овој месец, според податоците на Институтот за јавно здравје, „бустер“ доза примиле 58 лица.
Охрид и понатаму е меѓу „шампионите“ во однос на опфат со вакцинација против COVID-19 на населението над 18 години. Со прва доза се вакцинирани 29.033 лица или 65,1% од населението. Од нив 27.987 ги примиле двете дози.
Националниот комитет за имунизација препорача граѓаните што примиле прва и втора доза од вакцините на кинеските производители „Синофарм“ или „Синовак“ ќе може да примат трета „бустер“ доза после три месеци по прием на втората доза. Оние пак кои се имунизирани со друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да прими после поминати шест месеци од ревакцинацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива