Охрид, 11. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Изминатите 24 часа во регионот на Охрид наврнаа 30 л/м2 дожд, информираат од УХМР.
Силното невреме предизвика поголеми оштетувања, особено во делот на селата Трпејца и Љубаништа. Во автокампот „Љубаништа“, во непосредна близина на Свети Наум, оштетени се дел од приколките и шаторите. Од силниот ветер искршени се дрвја, а дел од нив паднале и врз приколките.
Силното невреме, проследено со силен ветер, дожд и грмотевици направи поголема штета и во селото Трпејца каде откорна неколку дрвја.
Метеоролозите за денес најавуваат сончево време со мала локална облачност и со слаб до умерен северен ветер. УВ индексот ќе биде 9, а максималната температура во Охрид ќе се искачи до 23. степени.
– До сабота ќе преовладува стабилно и посвежо време со умерен северен ветер. Во недела се очекува нов влажен бран со повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, информираат од УХМР Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива