Охрид, 11. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Истражителите на Специјалното јавно обвинителство си заминале од Охрид, откако три дена во охридската полиција вршеа распит на дел од донаторите на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа информација за 24 Вести ја потврдил висок функционер на партијата, а блиски извори на Обвинителството денеска информираат дека обвинителите и истражителите со себе носеле регистри од изјавите на оние сведоци што сепак се дале исказ. Пратеникот Љубен Арнаудов во телефонски разговор за телевизијата истакнал дека останува на истиот став, нема да ја прифати поканата за распит и ќе се брани со молчење.
Дел од поканетите сепак не се појавија на распит, да повикот за бојкот го добија од партијата.
Од кај специјалната обвинителка Катица Јанева не откриваат дали тоа ќе го толкуваат како влијание врз сведоци. Од централата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје пак, го повторуваат ставот дека за нив СЈО е продолжена рака СДСМ.
Предметот кој СЈО го отвори деновиве во Охрид наиде на негодување од членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ кои треба да дадат исказ дали и на кој начин ја финансирале кампањата на партијата. Во четвртокот, пред објектот на СВР Охрид протестираа членови на партијата поради повикувањето на околу 200 нивни функционери од Охрид на распит во СЈО, како дел од предистражна постапка за финансирањето на изборите во 2014 година.
По протестите со реакција излегоа и од СЈО, од каде истакнаа дека во врска со предистражна постапка која се води во ова Јавно обвинителство, во СВР Охрид биле повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка.
– Согласно Кривичниот законик секој вид на влијание врз сведоците е кривично дело, а лицата кои се повикани како сведоци се должни да се јават на поканата и да помогнат со своите искази во утврдување на фактите за кои е поведена секоја предистражна или истражна постапка. Ова јавно обвинителство се оградува од секакви политички шпекулации и потенцираме дека својата службена должност јавните обвинители во ова Јавно обвинителство ја вршат согласно законот во насока на утврдување на вистината во постапките кои се водат, објавија на официјалната страна од Специјалното Јавно Обвинителство. (Крај)
извор: ОхридПрес/24 Вести фото: ОхридПрес/архива