септември 19, 2017

Скопје/Охрид, 19. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ќе се вклучи во расчитување на урбанистичкиот хаос во Охрид и надминување на проблемите по откривањето на решението за заштита од 1978 година.

Директорот Борјанчо Мицевски вели дека на Инспекторатот му е познато дека решението не се почитувало. Тој најавува дека ќе ги искористат сите можности што во моментот им стојат на располагање за еднаш да почне да се расчистува урбанистичкиот хаос во Охрид, објави Макфакс во вториот дел од спроведеното истражување на оваа тема.

– Решението за заштита на Охрид од 1978 година е намерно одминувано оти некому му одговарало тоа да остане во фиока. Така се случило локалната самоуправа да одлучува за нешто што не е во нивните ингеренции. Поради интересите на некои моќници, се урнисуваат просторот за живеење и спомениците на културата и се загрозува животната средина. Она што ние можеме да го направиме е да излеземе во контрола и заедно со претставници од локалната самоуправа да направиме увид какви одобренија се давани и за какви градби. Онаму каде што ќе се утврди повреда на законите, ќе следуваат решенија со кои ќе ја задолжиме Општината соодветно да постапи. Решенијата со кои ќе ја задолжиме може да бидат за укинување одобренија за градење, за нивно поништување, а ако е неопходно, може да се избере и крајната мерка – уривање, вели директорот Мицевски нагласувајќи дека Општината нема ингеренции за градби кои се од прва категорија.

ohridЕдна од градбите што меѓу првите ќе се најде на листата за контрола е спорниот  хотел во Лагадин. Почна да се гради во декември минатата година, а локалното население, сопствениците на викенд-куќи во овој дел на Охрид и граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ уште од почетокот на градбата укажуваат дека хотелот прекршува 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Додека институциите се подготвуваа да излезат на терен, да направат инспекциски надзор, а потоа и да ја запрат градбата, хотелот се изгради. Во меѓувреме инвеститорот неколку пати се жалеше на Второстепена владина комисија. Првиот пат му беше одбиена жалбата, па градежните активности запреа, а кога се пожали и вторпат, Комисијата му ја прифати и му даде можност на градоначалникот да му издаде ново одобрение за градење или да се жали на Управен суд, а според Инспекторатот, инвеститорот поднел и трета жалба. Директорот на Државниот градежен инспекторат вели дека последната жалба му е одбиена. На хотелот засега не се изведуваат градежни активности, испратени се претставки до сите надлежни институции, а поведени се и неколку судски постапки за прекршувањата што се направени со оваа градба.

ohridseptemvri2016Законот за градба од 2009 година сменет 28 пати, во подготовка е сосема нов

Законот за градба, донесен во 2009 година, е менуван 28 пати. Архитектите гласно кажаа дека честите измени оставаат голем простор за сомнеж дека тој се менувал според потребите на разни моќници на сметка на животната средина.

Последната измена беше лани во февруари. Некои од многуте измени се однесуваа и на категоризацијата на градбите. Од пет категории, беа намалени на четири, за во 2012 и тие да се намалат на само две категории. За првата категорија градби одобренија за градење издава Министерството за транспорт и врски, а за втората категорија одобренијата за градење ги издава локалната самоуправа.

Токму поради многуте измени на Законот за градба, кои е тешко да се следат, директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најавува целосно нов закон за градба.

ohrid23041– Утврдивме многу недоследности и поклопувања со други закони поради кои сметаме дека треба сосема нов закон. Законот за градбата е во колизија со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, посебно за ингеренциите за контрола, надзор, издавање одобренија и слично. Денес имавме средба со работните тела од сите засегнати институции, министерства, Влада, Комората на архитекти и инженери, Архитектонскиот факултет, Градежниот факултет, 50-ина луѓе за да почнеме со подготовки за новиот закон, вели директорот Мицевски.

Од Комората на архитектите велат дека веќе формирале работно тело од петмина архитекти кои ќе работат на подготовка на новиот закон за градба, ни и на сите други законски измени кои ќе се покаже дека е потребно да се направат. Телото со работа ќе почне в среда. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

Истражување на Макфакс: Од Општина Охрид со години нелегално издавале одобренија за градење (прв дел)

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука