Локалните медиуми во агонија, во Струмица по 33 години престана да работи Канал Вис, во Охрид „преживеаја“ само Супер радио и ТвМ телевизија
декември 15, 2024

Струмица/Охрид, 15. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Локалните медиуми во Република Македонија живеат исклучително тешки години, пред се’ поради лошата економска состојба во државата, но и тешкото прилагодување на новото време и технологиите кои комплетно го сменаа начинот на кој се креираат и пренесуваат информациите.

Регионалната телевизија Канал Вис Струмица која што функционираше 33 години престана да работи, а вработените завршија во Агенцијата за вработување. Градот остана без единствената телевизија која што информираше за локални и регионални случувања, а емитуваше и програма со неколку авторски емисии. Медиумот прво функционираше како локална, а од пред десетина години како регионална телевизија. Во неа, во континуитет работеа над десетина новинари, сниматели и технички персонал.

На последната, 45-та седница на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која се одржа во четвртокот, на 12-ти декември 2024 година, покрај предлогот за покренување постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Тв Канал Вис од Струмица, се разгледуваше и предлогот за покренување постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на уште една телевизија од Куманово, како и по предлог-решението за бришење од регистарот на радиодифузери на радио станица од Битола.

Нестабилната состојба во овој сектор годиниве наназад, направи Охрид, своевремено, од една од најбогатите медиумски заедници, барем по бројност, денеска да останеме само на една радио станица и една телевизија кои ги „преживеаја“ сите турбуленции. Тоа се локалното Супер радио, кое и понатаму останува водечки медиум во регионот, според официјалните анкети и ТвМ телевизија. (Крај)

извор: сдк.мк/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука