Охрид, 27. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот на Унгарија Виктор Орбан, вчера пристигна во Охрид, во рамките на дводневната официјална посета на Република Македонија.
Тој ќе се сретне со македонскиот колега Христијан Мицкоски во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.
За денеска е најавена и заедничка меѓувладина седница, а на маргините на посетата, најавено е Орбан да посети неколку од знаменитостите на Охрид како црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“. Предвидено е премиерите на двете земји да положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Во Охрид полицијата ги презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај.
Орбан во 2013 година беше во официјална посета на земјава, кога го доби Орденот „8-ми Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Република Македонија и Унгарија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива