февруари 27, 2017

Охрид, 27. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Нова тура охриѓани, членови на ВМРО-ДПМНЕ деновиве повторно биле повикани на распит во Специјалното јавно обвинителтво.

Телевизијата Алсат М јави дека наместо во Охрид, СЈО за начинот на финансирање на нивната партијата за предвремените парламентарни избори во 2014-та година, сега ќе ги испрашува во Скопје.

– Нема информација на колку од нив веќе им се пристигнати покани, ако се знае дека поголемиот дел претходно не се јавија на распитот во Охрид, јави телевизијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид немале информации дали некој повторно бил повикан во СЈО. Од ова обвинителство пак, ниту демантираат, ниту потврдуваат дека повторно биле испратени покани до членови на ВМРО. Истрагата била тајна и во предистражна фаза.

protestisjo2Предметот кој СЈО го отвори неодамна во Охрид наиде на негодување од членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ кои треба да дадат исказ дали и на кој начин ја финансирале кампањата на партијата. На 9-ти овој месец, пред објектот на СВР Охрид протестираа членови на партијата поради повикувањето на околу 200 нивни функционери од Охрид на распит во СЈО, како дел од предистражна постапка за финансирањето на изборите во 2014 година.

По протестите со реакција излегоа и од СЈО, од каде истакнаа дека во врска со предистражна постапка која се води во ова Јавно обвинителство, во СВР Охрид биле повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка.

– Согласно Кривичниот законик секој вид на влијание врз сведоците е кривично дело, а лицата кои се повикани како сведоци се должни да се јават на поканата и да помогнат со своите искази во утврдување на фактите за кои е поведена секоја предистражна или истражна постапка. Ова јавно обвинителство се оградува од секакви политички шпекулации и потенцираме дека својата службена должност јавните обвинители во ова Јавно обвинителство ја вршат согласно законот во насока на утврдување на вистината во постапките кои се водат, објавија на официјалната страна од Специјалното Јавно Обвинителство. (Крај)

извор: ОхридПрес/Алсат фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука