Охрид, 6. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – И покрај забраната за движење во шуми, пожарот на Галичица е настанат од несовесни граѓани, вели за Тв24 градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Пожарот кој избувна на планината Галичица се гаснеше со авиони, а денеска два хеликоптери се на лице место и го гаснат пожарот, заедно со екипа од 15 лица кои се обидуваат да го локализираат пожарот.
– Неофицијално, овој пожар е настанат од несовесни граѓани, односно кампери кои претходно го посетиле местото, иако е забраната за движење активна. Борбата останува тука. Следното жариште кое повеќе е на територија на Дебрца и Демир Хисар, дел и кон Охрид на Плакенска Планина, испратена е во текот на денот тешка механизација булдожери, кои треба направат појас за да се спречи понатамошното ширење, затоа што тој пожар е најдолго активен на нашата територија, изјави Пецаков.
Според официјалните податоци на Центарот за управување со кризи, во поширокиот регион на Охрид, активни се пожарите на Галичица и на Илинска Планина, на потегот кај селата Вирово, Базерник, Мали Илино и Брежани. Според истиот извор, под контрола е ставен пожарот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила.
Утрово продолжија активностите за гасење на пожарите во охридско од воздух. Се гаси со хеликоптерот на МВР на Србија „Ербас Х215 Супер Пума“, со носивост од три тони вода, со шест припадници на хеликоптерската единица и еден припадник на Секторот за вонредни ситуации.
Од саботата леталото секојдневно учествува во гасењето на пожарот кај Охрид. (Крај)
извор: Тв24/ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес