Охрид, 26. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, ноќеска регистрира земјотрес со епицентaр во охридското епицентрално подрачје.
– Земјотресот се случи во 01:02 часот со Рихтерова локална магнитуда од 2,8 степени. Според досегашните податоци, земјотресот беше почувствуван во Охрид, Струга и Ресен со интензитет од III-IV степени според Европската Макросеизмичка Скала, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Пред само една недела, серија земјотреси ги возменирија охриѓани.
Првиот и најсилен се случи на 18-ти јуни, 2 минути по 02:00 часот и според Европската сеизмолошка опсерваторија (ЕМСЦ) неговата јачина била 4.1 степен (според други мерења, јачината била 3,6 степени). Епицентарот на земјотресот беше на 8 километри од Ресен, односно во близина на охридското село Косел. Истиот ден, нешто после 08:00 часот, се случи уште еден земјотрес со јачина од 2,9 степени, исто така во близина на Косел.
Само два дена подоцна, на 20-ти јуни, силен земјотрес со јачина од 3,6 степени ги вознемири охриѓани нешто после 15:00 часот. Епицентарот на потресот беше во близина на селото Скребатно, а освен краткотраен прекин на напојување со електрична енергија на дел од улицата „7-ми Ноември“ и страв кај охриѓани, не предизвика материјална штета. (Крај)
извор: Сеизмолошка опсерваторија фото: архива