Белград/Охрид, 23. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Популарниот Блог Putuj.rs со чии објави авторот Милош Петровиќ вели дека сака да им ги олесни патувањата и да ги мотивира луѓето да патуваат, објави кратко Reel видео од посетата на Охрид.
Тој го посети градот под Самуиловата тврдина со првиот обновен директен лет на Air Serbia од Белград до Охрид, кој оперира четири пати во неделата.
– Искусете го ова патување до градот на брегот на Охридското Езеро. Истражете го градот под заштита на УНЕСКО и разгледајте ги фасцинантните културно-историски споменици. Првиот ваков лет после 7 години. Наместо осум часа со автомобил, во Охрид сте веќе за еден час. Цените за летот се прифатливи, се лета четири пати во неделата па можете да комбинирате со вашите слободни денови, вели Петровиќ.
На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, на 19-ти овој месец пристигнаа првите патници од Белград, со што се одбележа обновувањето на авиолинијата Белград-Охрид-Белград на Air Serbia. Аеродромот во Охрид стана точката за повторно поврзување со Белград, 4 пати неделно или секој понеделник, среда, петок и сабота, со што ќе се зајакне регионалното поврзување и поттикнување на економскиот и туристичкиот раст.
Air Serbia, националниот авиопревозник на Србија, ги обнови директните летови меѓу аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, нудејќи им на патниците удобна и сигурна опција за патување меѓу двата динамични града со воздухоплови АТ7 со капацитет од 66 седишта. Со обновувањето на оваа воздушна линија се докажуваат напорите за соработка меѓу Air Serbia и ТАВ Македонија, со цел подобрени можности за патување за патниците, поттикнување на туризмот и олеснување на деловните врски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива