Скопје/Охрид, 2. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 25-ти мај 2023 година, врз основа на налог издаден од Инспекцискиот Совет, направен е вонреден инспекциски надзор на локалитет Студенчишко блато во Охрид, согласно привременото решение за заштита на локалитетот Студенчишко блато објавено во Службен весник на РМ од 2021 година и Законот за заштита на природата и надлежностите на Државен Инспектор за заштита на природата, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
– Надзорот е реализиран од страна на главен инспектор за заштита на природата, генерален инспектор за животна средина, општински инспектор за животна средина и претставник од Општина Охрид кој работи на акти од областа на животната средина. За време на надзорот се изготви Записник за констатација по увидот на локациите:
– локација покрај магистралниот пат Охрид-Свети Наум, при што се утврди дека на две парцели имаше насипано ископи од земја – инертен материјал, скоро до височина на магистралниот пат и земјата беше зарамнета со механизација со видливи трагови од истата. Помеѓу двете парцели имаше отпочнето да се насипува и во третата парцела, но е стопирано при што имаше поставено крупни камења и гранки од дрвја.
– границата на Студенчишко Блато по течението на река Рача при што во непосредна локација на самата гранична линија во т.н зона на одржливо користење се вршеше изведба на градежни работи на комплекс на градби (шест локации) и тоа во фаза на изведба.
За време на надзорот се направи фото-документација на сите локации. Врз основа на извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина до Општина Охрид доставено е Известување со Барање за нивно постапување согласно законските надлежности (Закон за градење и Закон за управување со отпад), а доставено е и известување до Инспекцискиот Совет, информираат од ДИЖС.
Додаваат дека и по претходно доставена претставка од страна на граѓанско здружение Фронт 21/42, ДИЖС постапила по истата, односно врз основа на анализа на содржината на истата, направиле комуникација со општинската инспекција на Охрид која веќе за двата посочени случаи имаа постапување согласно надлежностите, за градежни активности-градење, односно инертен отпад од земја. Истовремено од Општина Охрид е побарано за превземените активности на локацијата Студенчишко блато да го информираат ДИЖС, ИС и Фронт 21/42. (Крај)
извор: ОхридПрес/ДИЖС фото: архива