Скопје, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како предметен обвинител за предметот „Империја“, кој засега е во центарот на вниманието и околу кој кружат голем број на шпекулации, сметам дека неопходно е во јавноста да изнесам одредени информации, токму во насока на спречување на таквите шпекулации, стои во изјавата на Јавниот обвинител Лиле Стефанова, објавена наофицијалната веб страна на Јавното Обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО).
– Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа во предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева.
– Во втората половина на месец декември 2018 година, јас лично како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги во предвид сега објавените снимки.
– Во месец март 2019 година, јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротиставување, таква согласност беше дадена.
– Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење.
– На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 6-ти мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмет кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, реагира Лиле Стефанова, јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Непосредно пред Стефанова, својот став го соопшти и Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, која истакна дека ја слушнала снимката, објавена на порталите поврзана со случувањата за случајот „Рекет“.
– Фрапирана сум како моите постапки како Специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот „Рекет“. Како Специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина. Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име. Откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни за јавноста. Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случи. Очекувам пратениците на седница на Собранието на РСМ, во најбрз можен рок да го донесат Законот за ЈО на РСМ. Откако ќе се вратат сите обвинители од ЈО од годишен одмор, пред донесување на законот за ЈО, ќе има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО. Тоа е моја обврска и задача која ќе ја презентирам пред јавноста и надлежните институции, со што ќе бидат отстранети сите евентуални притисоци кои би можеле да ги имаат обвинителите во СЈО кои и досега си ги работеа сите кривични предмети, се разбира во заедничка кординација со мене. Потоа очекувам овие предмети кои се во СЈО, да продолжат да се работат од страна на надлежното обвинителство, со што ќе се продолжи борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото, стои во објавата.
Италијанскиот весник La Verità утрово објави нова снимка, којашто е поврзана со случајот „Рекет“, откако вчерашната предизвика вистински политички земјотрес во земјава.
На втората аудио-видео снимка, може да се слушне разговорот меѓу Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев, но се слуша и гласот на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева.
– Не се секирај за ништо се ќе биде ок, му вели Јанева на бизнисменот Орце Камчев во еден дел од снимката. (Крај)
извор: ОхридПрес/La Verità фото/видео: La Verità/архива