Струга, 4. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, на денот кога се одбележува празникот посветен на свети Јован Владимир, беше преосветена единствената црква во земјава посветена на овој светец, лоцирана во струшкото село Подгорци.
Со светиот чин чиноначалствуваше владиката Тимотеј, а присуствуваа голем број верници.
Овој свет храм е изграден по иницијатива на мештаните од село Подгорци на старо вакавско место. Почнат е со градба 1924 година, завршен една година подоцна во 1925 и истата година е осветен. Храмот е во правоаголна едноставна форма со апсида напред, но тогаш не е фрескоживописан. Сега по 100 години од неговата градба, се фрескоживописа и плени со својата велелепност. Уреден е и просторот околу самата црква.
Јован Владимир бил кнез, владетел на Дукља, кој во еден период бил заробен од Цар Самоил. Во затворот во Преспа го сретнала ќерката на цар Самоил и се вљубила во него и тој му станува зет. Но, трагично му завршува животот по распаѓањето на Самоиловото царство. Така завршува неговиот овоземен живот, но станува светител и го продолжува животот во царството небесно
Сегашната конструкција на црквата е започната во 2021 година, со заложби и со донација на Владо Пупиноски, а со помош на Иницијативниот и на Црковниот одбор од селото. Храмот е целосно фрескоживописан од зографот Тони Милцов, а реставрацијата на иконостасот е дело на Перо Шутиноски. Поставен е и нов мермерен под и нов престол.
Култот кон свети Јован Владимир е доста раширен кај жителите на Подгорци и околните места. И во минатото, традиционално, на 4-ти јуни се собирал народот на т.н. софри. Секоја фамилија си имала свој дел околу црквата каде што се собирала и организирала ручек.
Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети великомаченик кнез Јован Владимир, кој има силен култ во западна Македонија. (Крај)
извор: vecer.press фото: Жанко ЗШ Голабоски