декември 26, 2019

Охрид, 26. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во НП „Галичица“ пристигнаа првите елени, кои се наоѓаат во репродуктивниот центар, изграден специјално за оваа намена.

Новиот репродуктивен центар, кој почна да се гради на средината на јули годинава, со големина од осумдесетина хектари оваа зима ќе биде дом на 30 елени (24 женки и 6 мажјаци) и за таа намена е опремен со модерна инфраструктура: карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници.

Проектот, вреден 340 000 евра е финансиран од Европската унија во рамки на „Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја”. Оваа Програма, која опфаќа повеќе проекти низ целата земја изнесува 4,3 милиони евра, а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Националниот парк „Галичица“, во рамки на проектот, со овие активности се грижи и за подобрување на управувањето со планинските тревести екосистеми со цел нивно зачувување и запирање на процесот на сукцесија. Репродуктивниот центар и елените ќе се користат исклучиво за активно управување на овие екосистеми, а не како ловиште. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука