Белчишта, 30. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – При крај е реконструкцијата на старата училишна зграда во селото Брежани, со што општина Дебрца ќе добие современ планинарски дом, со капацитет од 20 легла.
На средината на јули оваа година стартуваа реконструктивните зафати за пренамена на старата училишна зграда во планинарски дом, во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија-Албанија, а кој општина Дебрца го имплементира со партнерите: ОО Црвен Крст Охрид и Алпинистичкото друштво „Патагонија” Охрид, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.
Овој проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во извонредна, високо развиена туристичка дестинација, потенцира градоначалникот Зоран Ногачески при најавата за реализација на проектот.
– Општина Дебрца, со целокупното природно и културно наследство што го има и кое е дел од наследството на УНЕСКО, со планинските масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на планинскиот и зимскиот туризам. Секако предуслов за тоа е да се осигура безбедноста на туристите, истакна Ногачески.
Градежните активности се одвиваа во насока на зацврстување на објектот со армирано-бетонска конструкција, поставување санитарни јазли и електрична инсталација, поставување нова дограма, како и осовременување на градбата и нејзина преадаптација во планинарски дом. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Планинска спасителна служба