март 10, 2017

Охрид/Скопје, 10. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Нема да биде практиката како досега, каде на советот на општината се утврдуваше цената на водата, во иднина цената ќе ја носи регулаторно тело од Регулаторната комисија за енергетика, пренесуваат од МЈП „Проаква“ Охрид.

Претставници од претпријатието присуствуваа на јавната расправа на Регулаторната комисија за енергетика, на која се разгледуваа Предлог правилникот и Предлог методологијата за утврдување тарифи за водните услуги, каде сите засегнати можеа да достават забелешки и мислења.

– Од она што се разговараше на јавната расправа, обврска за водоводните претпријатија ќе биде да се изготви бизнис план, да се побара цена и тарифа за сите ставки, посебно за секој од надоместоците. Тоа барање ќе се поднесува до Регулаторната комисија, а ќе содржи трошоци, приходи, сите економски показатели. Потоа тие ќе одлучуваат за формирање на цената на водата. Потенцираме дека овие новини, не значат дека ќе има повисоки сметки за водата, појаснуваат од МЈП „Проаква“ Охрид.

Околу наплатата на сметките за вода на територијата на Охрид, од „Проаква“ велат дека нема проблеми.

– Во Охрид има преку 90% од исполнување на обврската за плаќање на сметките за вода и кај физичките и кај правните лица, додаваат од претпријатието.

Граѓаните на Охрид се задоволни од квалитетот на водата за пиење. За цената по потрошен метар кубен сметаат дека е реална, но имаат забелешки во однос на намалувањето на притисокот на водата во летните месеци.

– Цената на водата е таа, реална донекаде, но не би било во ред да поскапи, имаме мали примања.

– Редовно плаќаме сметки за вода, основно е тоа, водата е најважна. Добар е квалитетот.

– Плаќаме вода, а на лето редовно има слаб притисок, што не е добро, сметаат охриѓани.

Во однос на квалитативните карактеристики, водата за пиење во градскиот водовод во Охрид е со константно висок квалитет, потврдуваат од Центарот за јавно здравје.

Сашо Точков, специјалист за санитарна хемија и бромолог при Центарот за јавно здравје, вели дека нема отстапувања во однос на квалитетот на водата за пиење.

– Сè е во ред со водата за пиење. Имаме добар квалитет на водата од градскиот водовод. Водата за пиење во неколку рурални средини, не е хлорирана и е со променлив квалитет. Редовно вршиме физичко-хемиски и микробиолошки анализи на водата за пиење од градскиот водовод. Додека во селата во охридско, во Општина Дебрца и селата во дебарско, исто така секој месец редовно се контролира водата, додава Точков.

По одржаната јавна расправа на Регулаторната комисија, според најавите, во наредниот период ќе следува подготвителна седница. Уште еднаш ќе можат да се поднесат забелешки, а на крај правилникот и методологијата ќе бидат усвоени на седница на РКЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука