Охрид, 28. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – По двете последователни средби на охридскиот угостителски еснаф со градоначалникот и усогласување на ставовите, градските советници дадоа зелено светло за начинот на регулирање на постапката за поставување урбана опрема.
Најдовме заедничко решение прифатливо за двете страни. При секои преговори има и незадоволни, но се надевам дека степенот на незадоволство успеавме да го сведеме на разумен минимум.
Согласно тоа, висината на комуналната такса ќе се одредува во зависност од тоа дали е летен или зимски период. Постигната е согласност да нема зонирање. Комуналната такса за зимскиот период е намалена на 5 денари, а за летната сезона, од 1-ви мај до 31-ви октомви комуналната такса го задржа досегашниот износ од 7,5 денари, потенцира градоначалникот Јован Стојановски.
Што се однесува до наплатата на закупнина, поаѓајќи од законот за градење и законот за градежно земјиште се дошло до констатација дека тој надоместок мора да се плаќа.
– Тука исто така поставивме летна и зимска тарифа, со тоа што цените ќе бидат по зони, А, Б и В како што биле досега. За зона А ќе се плаќа 300, за зона Б 250 и за зона В 200 денари. Во зимскиот период ќе се плаќа само 150 денари, рече Стојановски.
Токму закупнината била клучна точка заради која во два наврати се одржуваа средбите на еснафот со градоначалникот.
Како резултат на средбите со еснафот, направена е и отстапка во однос на прифаќање на елаборатите од минатата за тековната година со цел угостителите да немаат дополнителни давачки за изработка на елаборати по проекти коишто треба да ги доставуваат при поставување на урбаната опрема.
– За во зимскиот период во рамки на елаборатот дозволивме да се достави проект во којшто ќе се поставуваат помал број маси и столици . Меѓу другото со угостителите се договоривме до 5 –ти во месецот да има плаќање за поставување на урбаната опрема, вели Стојаноски.
Според него, она што за локалната администрација е најважно е воведувањето на комунален ред којшто комуналната инспекција мора децидно да го спроведува.
Опозициските советници го поддржаа усогласувањето на ставовите, се за да им се помогне колку што е можно на угостителите во Охрид, а штетата да не е голема и да ја трпи општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес