Охрид, 13. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Иако е дамнешно барање и желба на охриѓани, се’ уште во градот нема Трговски центар кој би работел во полна сила и со сериозни брендови.
Граѓаните ја имаат желбата, а сопствениците на капиталот се соочени со реалноста дека градот има се’ помалку жители и дека инвестицијата многу тешко и долго се враќа со активна работа од неколку „посилни“ месеци во годината и се’ поизразениот проблем со соодветна работна сила. Големите брендови тешко се одлучуваат да закупат простор во помали средини, а бројките на секојдневно иселување на жители, овој проблем го прават уште поголем и посериозен.
Охриѓани затоа викендите ги користат за прошетки во Албанија, каде најчесто се посетува центарот TEG-Tirana East Gate, Грција со неизбежната Ikea, но и центрите Mediterranean Cosmos и One Salonica Outlet Mall, како и нашиот главен град Скопје, каде најчеста „мета“ на купувачите се City Mall и East Gate Mall.
Како што претходно веќе објавивме, во меѓувреме „Охрид Мол“ полека го добива финалниот изглед, по што Охрид и регионот се очекува конечно да добијат современ шопинг центар. Периодов се средува надворешниот дел, а асфалтиран е и делот за паркинг.
Погледнете како изгледаше објектот денес, среда, 13-ти ноември 2024 година.
Лоциран на одлична позиција и на доста фреквентна локација во непосредна близина на автобуската станица, „Охрид Мол“ ќе располага со површина од 17.000 м2. Засега имињата на потенцијалните закупци не се откриваат, но според наши информации охриѓани и сите посетители на градот за прв пат ќе имаат можност да уживаат во единствено шопинг искуство – и тоа не само за време на летната сезона во која градот има огромна посетеност, туку и преку целата година, со обезбедени услови за комфорно и пријатно искуство. Во рамките на трговскиот центар ќе има хипермаркет, игротека за деца, како и бројни продавници за облека. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес