Белград/Охрид, 8. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Припадниците на Хеликоптерската единица и на Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, кои беа ангажирани во гаснењето на пожарот во Република Македонија, успешно ја завршија мисијата во совладување на огнената стихија и се вратија во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Од 3-ти август, нашиот храбар тим работеше рамо до рамо со колегите од Република Македонија за да помогне во гаснењето на пожарите во тешки услови. Нашите пилоти за четири дена изведоа 74 прелети со хеликоптерот „Супер Пума“ и испорачаа 248 тони вода во подрачјата зафатени од пожарот, селото Косел, северно од Охрид и Брежани на дел од територијата на Илинска Планина, како и селата во централниот дел на земјата -Папрадиште и Орешје, се наведува на Instagram профилот на МВР на Србија.
Како што е наведено, министерството е гордо на тимот кој учествуваше во оваа мисија.
– Нашиот заеднички напор нека биде потсетник дека границите меѓу нас се само физички, додека вистинското пријателство и поддршка се неограничени, се додава во соопштението.
Во текот на вчерашниот ден, регистрирани се вкупно 40 пожари на отворено, од кои девет се активни, шест се под контрола и 25 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во регионот на Општина Охрид, во моментов активен е пожарот на Илинска планина каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и букова шума, како и оној на Галичица каде гори нискостеблеста вегетација.
Според истиот извор изгаснати се пожарите во Општина Струга, конкретно во селото Калишта каде гореше стрниште и ниска вегетација), Враништа, каде исто така гореше стрниште и ниска вегетација и селото Велешта (ниска вегетација). (Крај)
извор: МИА фото: ОхридПрес/МИА