Охрид, 20. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и понатаму е меѓу „шампионите“ во однос на опфат со вакцинација против COVID-19 на населението над 18 години.
Заклучно со 17-ти октомври, според податоците на Институтот за јавно здравје, со прва доза се вакцинирани 29.033 лица или 65,1% од населението. Од нив 27.987 ги примиле двете дози.
Во споредба со минатите неделни извештаи забележан е пораст во бројот на вакцинирани. Од 27-ми септемви до 2-ри октомври се вакцинирале 196 лица, од 3-ти до 9-ти октомври 123, а од 10-ти до 17-ти октомври 243 лица.
Охрид и натаму е на трето место на државо ниво, зад Неготино и Кавадарци, според опфатот на вакцинирано население со прва доза вакцина.
Што се однесува до третата доза, во Охрид е слаб интересот за вакцинација, досега „бустер “ доза примиле 58 лица.
Во соседна Струга со прва доза се имунизирани 25.163 граѓани или 45% над 18 години, а 23.801 примиле и втора доза. Со трета доза се вакцинирани само 16 лица.
Националниот комитет за имунизација препорача граѓаните што примиле прва и втора доза од вакцините на кинеските производители „Синофарм“ или „Синовак“ ќе може да примат трета „бустер“ доза после три месеци по прием на втората доза. Оние пак кои се имунизирани со друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да прими после поминати шест месеци од ревакцинацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива