август 4, 2024

Скопје/Охрид, 4. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден, сабота, 3-ти август 2024 година, регистрирани се вкупно 42 пожари на отворен простор, од кои во моментов се активни 5, четири се под контрола и 33 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Во регионот на Охрид, активен е пожарот на потегот кај Илинска Планина и селото Базерник, како и на четири точки на потегот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила. Во Струга се изгаснати пожари на четири точки и тоа кај селата Татеши, Велешта, Калишта и Заграчани, потенцираат од ЦУК.

Пожарот кај охридското село Опеница утрово се гаси од воздух, со помош на два хеликоптери. Со тоа продолжуваат напорите да го санираат пожарот кој е активен веќе четврти ден во близина на селата Косел, Опеница, Вапила, Куратица и Расино.

Екипата на OhridPress утрово ги сними леталата како постојано полнат вода од Охридското Езеро и ги гасат потешко пристапните предели.

Вчера беше вклучена и тешка механизација чија задача беше да направат појас за спречување на понатамошно ширење на пожарот.

– Поголемиот дел од теренот е веќе обезбеден, а останува уште помал дел каде се работи во моментов и се прават засеци директно низ огнот. Екипите ќе работат на терен се’ додека не се обезбедат сите локации, информираше вчера градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука