август 9, 2019

Скопје, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Откако неговото име беше спомнато во една од објавените снимки на италијанска La Verità, но и од страна на Јавниот обвинител Лиле Стефанова, преку допис до медиумите, проф. д-р Ванчо Чифлиганец негира дека таков разговор се случил.

– Би сакал одговорно да и соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката, се нема случено, бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Без предметно е, дури и попатно споменување на моето име, стои во дописот до медиумите.

Бизнисменот Орце Камчев во втората „Бомба“ која беше објавена утрово вели дека „бизнисменот Чифлиганец му се јавил да побара дуќан за Стефанова, за стоматолошка ординација“.

– Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа во предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева, вели Стефанова.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука