Охрид, 22. мај 2023 (ОХРИДПРЕС0 – Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова денеска во Охрид изјави дека македонските власти официјално немаaт информација за градежните активности што се спроведуваат кај изворите кај Дрилон, на албанската страна од Охридското Езеро.
– Информацијата ја добивме преку медиумите. Официјално известување од албанската страна немаме. Минатата седмица имавме средба на Комисијата за УНЕСКО, на која немаше никаква најава за ваквата активност. Во рамки на институциите и на комисиите за заштита на Охридското Езеро ќе направиме комуникација за да добиеме официјално известување што се случува, рече Шукова, јави МИА.
Таа ја нагласи потребата од меѓусебно запознавање и информирање од двете страни за секоја активност во Охридскиот регион, како и да се внимава што се работи на терен.
– Не треба да си дозволиме натаму да одиме со нови објекти кои ќе го загрозуваат Охридското Езеро, а основа на сето тоа треба да биде комуникација. Бидејќи албанската страна не не информираше, ние ќе комуницираме за да видиме кои се плановите… Какви било активности можат да се реализираат само согласно препораките на УНЕСКО, рече таа.
Откако кон крајот на април беше објавена веста за изведување на градежни работи во водите на Охридското Езеро, на албанската страна, на потегот помеѓу Поградец и Тушемиште, албанскиот премиер Еди Рама објави детали од планот како ќе изгледа брегот на овој потег.
– Шеталиштето кај Тушемиште… Тука на туризмот и стопанството му се става на располагање уште еден од скапоцените камења од албанската природа, со проект кој започнува од мостот „Дрилон“, оди до изворите на Загорчан и стигнува до царинската точка „Тушемиште“. Оваа интервенција, во период од 12 месеци ќе донесе голема позитивна промена и ќе има значително влијание врз ренесансата на Поградец, напиша Рама, кој објави рендерирани 3D фотографии од финалниот изглед.
Тој објави и фотографии од санацијата и проширувањето на патниот правец од Тушемиште до граничниот премин кај „Св. Наум“.
Во меѓувреме, Охридското Езеро, кое е поделено меѓу Република Македонија и Албанија се соочува со сериозни закани кои го уништуваат неговиот екосистем и го загрозуваат статусот на УНЕСКО.
Огромен проблем на албанската страна е и отпадот од рудниците во Албанија кој продолжува да го загадува екосистемот на најголемото езеро на Балканот. Илјадници тони рударски отпад, сè уште се наоѓаат на работ на езерото или се расфрлани во ридовите околу него.
Од УНЕСКО потенцираат дека рударската активност е некомпатибилна со светското наследство и и’ препорачаа на Албанија, за време на мониторинг мисија во 2020 година, најитно да ја премести и рехабилитира рударската депонија покрај езерото и да обезбеди трајно затворање на каква било рударска активност во овој регион. (Крај)
извор: МИА/ОхридПрес фото: архива