Скопје/Охрид, 1. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бетонирањето на Охридско Езеро на албанска страна за министерката за животна средина Каја Шукова не е поради изградба на пристаниште туку се работи за расчистување на теренот. Информацијата вели дека ја добиле неофицијално.
– Во однос на информациите кои се појавија на македонската страна, а не се појавија на албанската страна во медиумите, можам да ви кажам дека, неофицијално, дознавме дека не станува збор за градење пристаниште или марина, како што се зборуваше во јавноста. Се работи за расчистување на теренот и во моментот нема никаква реакција од УНЕСКО бидејќи нема градба на таков вид објект. Сето тоа, барем досега, беше во делот на шпекулациите, рече министерката Шукова, јави Макфакс.
Како што OhridPress веќе информираше, кон крајот на април започна изведувањето на градежни работи во водите на Охридското Езеро, на албанската страна, на потегот помеѓу Поградец и Тушемиште, албанскиот премиер Еди Рама објави детали од планот како ќе изгледа брегот на овој потег.
– Шеталиштето кај Тушемиште… Тука на туризмот и стопанството му се става на располагање уште еден од скапоцените камења од албанската природа, со проект кој започнува од мостот „Дрилон“, оди до изворите на Загорчан и стигнува до царинската точка „Тушемиште“. Оваа интервенција, во период од 12 месеци ќе донесе голема позитивна промена и ќе има значително влијание врз ренесансата на Поградец, напиша Рама, кој објави рендерирани 3D фотографии од финалниот изглед.
Тој објави и фотографии од санацијата и проширувањето на патниот правец од Тушемиште до граничниот премин кај „Св. Наум“.
Во меѓувреме, Охридското Езеро, кое е поделено меѓу Република Македонија и Албанија се соочува со сериозни закани кои го уништуваат неговиот екосистем и го загрозуваат статусот на УНЕСКО.
Огромен проблем на албанската страна е и отпадот од рудниците во Албанија кој продолжува да го загадува екосистемот на најголемото езеро на Балканот. Илјадници тони рударски отпад, сè уште се наоѓаат на работ на езерото или се расфрлани во ридовите околу него.
Од УНЕСКО потенцираат дека рударската активност е некомпатибилна со светското наследство и и’ препорачаа на Албанија, за време на мониторинг мисија во 2020 година, најитно да ја премести и рехабилитира рударската депонија покрај езерото и да обезбеди трајно затворање на каква било рударска активност во овој регион. (Крај)
извор: Макфакс/ОхридПрес фото: архива