јули 29, 2019

ЖИВОТ –

од другата страна на ракот и посветено на сите мои другарчиња кои се борат со години.

Тато,

ми недостигаш вечерва. Ајде дојди ми во сон да те погалам по лицето и да зборуваме. Ти ќе ме разбереш. Само ти. Мислам дека сум себична кон Фичи, душата на дада. Тој толку многу се труди да излезам од мојата зона помеѓу четири ѕида, сигурно пати во себе, а јас себично цел ден го прележувам дома. Но, боли ногата, тато. На моменти толку неиздржливо. Се срамам и за мами. Мами која буквално цел ден ме мази како мало дете, ме милува, ме сака бескрајно, а јас во некоја своја немоќ, ќе и се развикам баш нејзе. Само ќе ме прегрне, но мене ме боли душата.

Оваа душа моја крие толку ноќи неисплакани, од борбата, од болеста, од разочарувањата кај одредени блиски особи, ноќи.  Од нивното сожалување, а мене не ми треба сожалување, тато. Јас сум жива и појака едно милион пати. Имам љубов од сите страни, само не требаше да ме повреди. Ете тој за кого понекогаш ти шепотев во ноќите, ми го скрши срцето. Ако, ќе помине.

Немам сила веќе, ме разбираш, нели тато? Се чувствувам како исцеден лимон. Онаа Јана, секогаш насмеана, како да ја снема. Каде е? Многумина ќе кажат дека најлошото заврши. Не, еве го. Борбата со себе си. Која сум јас после сите случувања? Кој си ти после болеста, што промени таа во тебе? Дали ги сакаш истите работи, истата професија, дали воопшто тоа си бил ти или можеби некоја шеста особа? Прашања… до бескрај ги има!

Знам дека години се сторија, тато. Еве во август, четири. Јаничка, твојата Јана како да почна да паѓа во некоја анксиозност, во некој страв. И јас не сум робот, но истражувам. Како да си ја пронајдам волјата, тато?  Каде да ја барам, ми треба, ми недостига. Можеби во самата себе си или во луѓето кои навистина ме сакаат и ми даваат огромна поддршка.

Ракот не претставува само борба и позитивна енергија после добиениот протокол за лекување. Ракот е и болка, обид да простиш, да си простиш себе си, да се исповедаш пред Бог и да се предадеш на неговата верба и љубов за излекување, како и довербата и љубовта кон докторите. Бидејќи после месеци и години лекување, релацијата пациент – доктор, добива на едно многу поголемо значење. Тој/Таа станува ваш Бог, ваш втор татко или мајка, ваш најдобар другар и голема љубов која ќе ја очекувате секогаш покрај себе кога е тешко.

Ракот значи да му се радуваш на сонцето што наутро изгрева и на ноќта што  не покрива. Ракот е и прочиствување, од целата негативна енергија, од солзите, од самиот себе си, од сите потиснати емоции за да си ги заштитите најсаканите. После четири години, јас за прв пат сум лута, тато. Лута на оваа болест или нејзините остатоци што веќе не ги прифаќам. Лута сум на себе, зошто веќе не се сакам себе си, не се прифаќам си сите мои рани, дали од операција, дали од изгореници… не е важно. Која сум јас? Тато, да одам на одмор! Каде? Каде би можела да одам за да избегам од овој страв? Можеби ќе можам, во мислите, но тој седи како бубачка која демне во летните денови. Старите кажале: „Отвори му врата на злото за да замине“. До кога тато, до кога да му отварам врата? Не сакам повеќе. Сакам да ми помине ногата, сакам да испијам кафе покрај моето езерце, да си се бркам со Марија, сакам да ја снема „љубомората“ кон луѓето кои спокојно си чекорат без да размислат дека утре може било каков несакан ефект да ги снајде. Се грижам за сите. Верувај ми тато, во овој момент сум толку многу уморна, што само за моите души би продолжила да живеам. Не можам веќе да си ги пронајдам амбициите, патувањата, соништата… ништо. Како да исчезнаа. Како да се засакам повторно себе си, со сите лузни физички и психички од последниве неколку години?

Многу ми е тешко на моменти. Глумам, но најсаканите ми ги гледаат очите. Години се покрај мене, и знаат дека ракот понекогаш значи и да паднеш. Но, јас станувам после тоа, тато. Доаѓа таа сила бавно, но станувам и ќе се насмеам. Насмевката на ракот има многу облици. Треба да знаеш да читаш, да знаеш што ти кажува, што се крие зад неа. Се трудиме сите да го најдеме вистинскиот облик. Не смее да се падне во депресија која може да те проголта и да те исфрли Бог знае каде.

Тато, знаеш ли дека мојата среќа Барт не сум го видела со денови? Само му го слушам гласот и сигурно знае дека го сакам бескрајно.  Не можам, ногата. Никогаш не мислев дека зрачна терапија може со месеци да ми го промени животот. Аххх тој проклет ѕвер. Нема да му дозволам да ми го уништи животот, да ми ја уништи фамилијата, моите најблиски. Им гледам во очите, гледам колку им е тешко, затоа мора да се изборам.

Прв  пат пишувам од другата страна на ракот. Болно дете значи 24 часа обврска. Тоа мајка ми си знае, душичката. Многу насмевки кријат многу нешта, многу љубов за да се заштитат најблиските и многу глума пред нив за неизвесноста да го победи стравот. И повторно ќе кажам: љубов. Љубовта и покрај сè, за да може да го движи кормилото на животот напред. Напред кога трчкаме за ретките болести, напред кога се насмевнуваме на сите оние манифестации за поддршка на различните ранливи категории, напред кога се бориме за нашето здравје, зошто без него нема функционирање во овој свет. Ракот значи и безброј убави денови, нови пријателства, вистински. Ретки знаат да бидат тие денови во грч, бидејќи секогаш имаш борец до себе си, рамо за плачење, човек со кого ќе ја споредиш болката или ќе се присетиш кога тебе ти било така. Но, сето тоа поминува. Физичкото поминува, а трагањето по себе, по новата јас, знае да трае подолго и да измачува. Но, ова е живот, па луѓето се грчат и за многу поневажни работи!!!

И еве сега си легнувам, секогаш со надеж за едно подобро утре, за едни нови соништа. Ќе пушти грчот во срцето, во душата. Ако не може сам, тогаш со најблиските или со одредено стручно лице. Тие знаат како, едноставно знаат што ти поминува низ главата, што е проблемот, како да помине. Ех, тато мој, верувај ми, хемотерапиите беа полесни од ова трагање по себе си. Зошто ракот значи и навикнување, компромис со најблиските. Сите очекуваат дека јас сум  малечкото девојче кое може во секоја ситуација, но ете, просто не можам. А сакам! Сакам да се смеам и да танцувам и да излегувам. И ќе биде тоа… само трпение повеќе немам. Работам на себе, тато. Како и секогаш, ќе бидеш повторно горд на мене.

Болеста значи и нов живот, но трагата по него е исцрпувачка. Неизвесноста е исцрпувачка. Не е секогаш позитивна и едноставна, зависи од многу фактори, а најмногу од нас самите, од мене, од тебе! Јас знам што е најпотребно, доволно вода, здрава храна, сонце за Д витамин, излегување на чист воздух и плус си имам некои работи што ми се потребни. Одам повторно во борба тато, најјаката и најагресивната и јас те молам да бидеш покрај мене. Барем доаѓај ми во сон, да знам дека си тука. А јас што можам да ти ветам: дека ќе издржам во онаа борба што ти не можеше да ја завршиш, но не ти се лутам; ги чувам мама и Филипче и чичи и тете и братучедите, имам пријатели кои ги сакам бескрајно, вистински, имам љубов за секого, Бартче е срценце и е добро, а ако еден ден се случи да имам милиони, ти ветувам дека ќе се посветам на болни и гладни дечиња и животинки.  А ако ми даде Бог, еден ден и ќе си посвојам, сакам близначиња. Никогаш не сум ти го кажала ова. Чуда се случуваат, верувам, но премногу терапии и зрачење, татичко.

Драги мои луѓенца, една мала исповед ми дојде вечерва, кога чувствувам некоја неисполнетост и тага. И таа е една од раните на ракот. Но, ќе помине. Луѓе сме, ќе паднеме, па ќе станеме.

Уште вечерва го слушам телефонот. Мои пријатели и колеги. Да создаваме пријателства, искрени и од срце. Важно е да имаме за кого да станеме повторно на нозе. Јас имам! А вие? Сигурна сум дека да, не може овој прекрасен живот да се помине како степски волк. А Хесе би кажал: „и најнесреќниот живот има свои сончеви мигови, и под песокот и камењата, свои мали цветчиња на среќа!“ Бидете среќни и кога боли!

Ве сакам,

Ваша,

Јана

извор: Борка фото: архива

Неодамна, по четири години борба, на Јана ѝ беше одбиена државна нега.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука