Охрид, 31. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Согласно препораките на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, оценувањето на учениците при реализацијата на наставата со користење на современи пристапи што ги нуди развојот на информатичката технологија ќе се врши преку обезбедување поединечни информации за учениците преку изработка на тестови, проекти, презентации и следење на целокупната активност на учениците на on line платформите и мрежите, информираат од OЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид.
– При тоа сите информации и добиени материјали од учениците ги користи само наставникот и тоа исклучиво за следење на воспитно-образовниот процес и за оценување на постигањата на учениците. Доколку ситуацијата не дозволува учениците да се вратат во училниците до крајот на тековната наставна година, завршните оценки ќе бидат засновани на резултатите што ги постигнале учениците во текот на целата година, преку редовната настава, како и преку активното учество на on line платформите и мрежите, електронското портфолио или друго средство за бележење на трудовите на учениците, белешки водени од наставниците коишто можат да се добијат преку разни видови размена на трудови (домашна работа, вежби и проверки, есеи, проекти, презентации, цртежи, слики и друго) што учениците можат да им ги обезбедат на наставниците преку е-пошта или во рамките на избраната мрежна платформа. Наставниците за времетраењето на вонредната состојба, оценките од далечинското учење, односно учење од дома ги внесуваат во е-дневникот, додаваат од училишниот центар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
**Во насока на полесно информирање на учениците за образовниот процес, OhridPress претходно испрати порака до сите образовни институции за слободно користење на нашата рубрика ОБРАЗОВАНИЕ преку која може да се испраќаат пораките за наставниот процес. Ова особено што се регистрирани случаи кога пораките потешко стигнуваат до учениците. И во оваа прилика ги охрабруваме да ја искористат можноста и сите пораки, линкови и објави да ги испраќаат на маил адресата [email protected]