Охрид, 29. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Активистите на неформалната еколошка организација „Чист Охрид“ продолжуваат со активностите за подигнување на совеста за чист Охрид.
По акцијата за чистење на паркингот и поширокиот потег на плажата „Немо“ од октомври оваа година, следна на „мета“ на активистите на „Чист Охрид“ беше населбата „Охридати“.
– Во текот на денешниот ден, непосредно пред новогодишните празници, активистите на „Чист Охрид“ спроведоа акција на уште едно место во градот, поточно во населбата „Охридати“. Овој пат, осуммина луѓе собраа неколку вреќи ѓубре на паркингот зад хотелот „Дипломат“ и пред влезовите на зградите. Со тоа што мора да се напомене дека на крајот, во просек имаше по околу една вреќа ѓубре по влез, што е загрижувачки. Со оглед на тоа дека се работи за простор околу згради, би сакале да го алармираме комуналниот инспекторат во општина Охрид да работи поажурно, во спротивно градот веќе којзнае којпат по ред ќе остави лош впечаток на посетителите и туристите кои ќе ги поминат празниците во нашиот град. Апелираме, граѓаните и посетителите на градот, во пресрет на празниците, кога се очекува поголем број луѓе, повеќе да се грижат за животната средина, порачуваат од „Чист Охрид“ од каде на сите охриѓани и гостите им посакуваат среќни Новогодишни и Божикни празници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Чист Охрид