Охрид, 26. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со 24-ти овој месец во Охрид со две дози вакцина против COVID-19 се имунизирани 58,7% од населението над 12 години.
Според последните податоци од Институтот за јавно здравје градов и натаму е меѓу „шампионите“ во однос на опфат на населението со вакцинација и е веднаш зад Неготино и Кавадарци.
Во минатиот неделен извештај на државно ниво беа регистрирани 1.196 лица кои примиле трета доза вакцина, но во овој неделен преглед се бележи драстичен раст во бројката, па „бустер“ доза примиле 10.444 лица. И во Охрид, иако на почетокот интересот не беше на завидно ниво, веќе десетина дена има позначителна заинтересираност.
Националниот комитет за имунизација препорача граѓаните што примиле прва и втора доза од вакцините на кинеските производители „Синофарм“ или „Синовак“ ќе може да примат трета „бустер“ доза после три месеци по прием на втората доза. Оние пак кои се имунизирани со друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да прими после поминати шест месеци од ревакцинацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива