Охрид, 7. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Балканскиот Ерусалим, Охрид денес слави 79 години од ослободувањето.
7-ми ноември како датум е значаен не само како ден на ослободувањето на градот, туку и како ден значаен за напорите на македонскиот народ за своја држава. Многу животи згаснаа во борбите за слобода на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година.
Благодарение на нив Охрид веќе 79 години е слободен град и најпозната туристичка, културна и духовна мека во земјава.
И оваа година Охрид достојно го одбележува денот. Настаните започнаа вчера, со промоција на книгата Детска градинка „Јасна Ристеска“ (краток историјат за периодот од 1950 до 1990) од д-р Никола Митровиќ- Бабе.
Во дирекцијата на претпријатието, денеска ќе се одбележи патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец”, а ќе има полагање свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ на Градските гробишта, Градски парк, Основниот суд, во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, како и Панихида и полагање свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска во селото Рамне. Ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Спомен-паркот на револуцијата, а во Велестово, Вила „Билјанини Извори“ и Градскиот плоштад ќе се одржи „Оhrid fly festival“, проект на Параглајдинг клуб „Флај“.
Централната свеченост по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид ќе се одржи во просториите на комплекс Касарна од 12:00 часот. Ќе се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и и претставникот на ОО на Сојуз на борци, Гоце Георгиески. Во рамки на свеченоста предвидена е и културно-уметничка програма.
Од 17:00 часот во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одржи свечената приредба по повод јубилејот, 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска”.
Свеченостите ќе бидат заокружени со седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, што ќе се одржи во концертната сала на училиштето, со почеток во 18:30 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива