Охрид, 20. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес беше свечено отворена новата административно деловна зграда во која е сместен и долгоочекуваниот затворен зелен пазар во Охрид.
Во присуство на премиерот Зоран Заев, министри, пратеници и други гости беше пуштен во употреба овој објект кој започна да се гради пред две и пол години по пат на јавно приватно партнерство меѓу општина Охрид и АД „Илинден“ од Струга.
Овој нов објект има површина од 6.779 м² и значи модернизирање на условите за работа, исполнување на стандардите за трговија со земјоделски и прехрамбени производи и подобрување на условите за граѓаните и компаниите од Охрид и охридскиот регион, потенцира премиерот Заев.
– Оваа работа ја почна градоначалникот Бакрачески, ја продолжи покојниот градоначалник Јован Стојаноски и ја заврши сегашниот Георгиески. Согласно стратешките определби за развој и унапредување на локалната самоуправа е изградена новата административна и деловно трговска зграда во која се содржи затворен зелен пазар. Оваа Влада ќе продолжи да им дава поддршка во работата на сопствениците на мали и средни бизнизи кои во локалните заедници се движечки трговски и економски субјекти. Казнената политика годинава се промени казните се сразмерни и правични, намалени согласно политиките на фирмите и нема да го загрозуваат работењето и опстанокот на малите фирми и да го отежнуваат животот на граѓаните. Ги слушнавме гласот и реакциите на граѓаните трговци на зелените пазари па донесовме одлука да престане важноста на законот за трговија на зелените пазари, рече Заев.
Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески истакна дека на цврсти темели се поставени сигурни стандарди и основи за унапредување на условите за работа на пазарџиите.
– Станува збор за крупен проект што го реализиравме по пат на јавно приватно партнерство. Придобивките од овој проект се модернизирани услови за работа на зелениот пазар, исполнување на стандарди за трговија со земјоделски и прехрамбени производи. Во подземјето е сместен паркинг од 3.433 м² и техничките одделенија на објектот, на призамјето е зелениот пазар со 190 нови тезги уредени по ХАСАП стандарди. Тука се вклучени дуќани, заеднички простории, тоалети, хол, лифт, подвижни скали, пристапни рампи и санитарни јазли за лицата со посебни потреби. На првиот и вториот кат има деловни и заеднички простории, рече Георгиески.
Изградбата на овој проект „тежеше“ 3,5 милиони евра, изграден е по најсовремени стандарди и го надополнува центарот на градот Охрид со деловно стопанска и јавна корисна површина, рече претставничката на приватниот партнер „Илинден“ од Струга и порача ова да биде поттик и пример за сите општини и компании низ едно јавно приватно партнерство да инвестираат во подобрување на условите за живот на граѓаните.
Во февруари 2017 година започнаа подготвителните активности за дислокација на тезгите и чистење на просторот, за кон средината на јуни да биде поставен камен темелникот на затворениот зелен пазар во Охрид.
Со овој проект ЈП „Градски пазар“ Охрид ќе добие 1.230 метри квадратни покриен зелен пазар, опремен со 190 нови тезги кои ќе бидат изработени согласно со ХАСАП-стандардите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес