февруари 18, 2020

Охрид, 18. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Наскоро ќе почнат работите за преместување на спомен бистата на нашиот преродбеник Григор Прличев.

Откако пред четири години ловороносецот Прличев го „овенчаа“ со подземен контејнер пред неговиот споменик во центарот на Охрид, советниците, на иницијатива на одделението за култура, на последната седница донесоа одлука за дислокација на неговата спомен биста од паркот пред градската библиотека.

– Како нова локација е избрана зелената површина помеѓу двата влеза на градската бибилотека, пред големиот изложбен салон на Центарот за култура, вели за Супер радио и OhridPress портпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски.

Новата локација за спомен бистата

– Според проектот, бистата ќе биде преселена помеѓу двата влеза на градската библиотека, таму ќе биде поставено истото спомен обележје, само ќе биде подигнато, а просторот ќе биде хортикултурно уреден, рече Џамтоски.

Целата постапка би требало да заврши до 25-ти март, кога ќе се одбележи големиот јубилеј, 160 години од добивањето на ловоровиот венец за поемата „Сердарот“.

Во септември 2016 година, на предлог на Центарот за развој на југозападниот плански регион беше поставен подземен контејнер на само 2-3 метри од споменикот на Григор Прличев. Охридската јавност бурно реагираше на избраната локација, пред сé поради непочитувањето кон локот и делото на македонскиот поет и преродбеник, роден во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука