Скопје, 18. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Нема да дозволиме еден незрел и неодговорен партиски профитер, како Мицкоски, да ја турка земјата во здравствена, економска и политичка неизвесност и криза, напиша на неговиот профил на Facebook Љупчо Николовски, Генерален секретар на СДСМ.
– Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ гласаа за распуштање на Собранието со цел распишување избори, влегоа во техничка влада која треба да организира избори и поднесоа кандидатиски листи за избори. ВМРО-ДПМНЕ има и свој реден број на гласачкото ливче. Мицкоски не може да бира дали ќе оди на избори, неговата партија во секој случај ќе се најде на гласачкото ливче. Мицкоски единствено може да бира дали ќе води кампања или не, вели Николовски.
Неговата изјава доаѓа откако лидерите на политичките партии денес не постигнаа консензус за датум за одржување на предвремени избори. Изборите првично беа закажани за 12-ти април, но беа одложени со владина уредба со законска сила поради пандемијата со коронавирусот и прогласувањето на вонредната состојба.
Лидерите најавија дека во следните денови се очекува партиите да имаат меѓусебни разговори. Тие рекоа дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ изборите да бидат одржани во август или почетокот на септември, додека СДСМ се за избори на крајот на јуни. Алијанса за Албанците и Алтернатива се против одржување на 21-ви јуни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива