септември 28, 2020

Охрид, 28. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Утре точно напладне возилата за брза помош на Здравствен дом и возилата од Општа болница од Охрид со свирење и ротација на светло ќе и оддадат последна почит на прерано починатата медицинска сестра Дијана Димоска и на сите жртви на опасниот корона вирус COVID-19, објавија на официјалниот профил на Facebook на ЈЗУ Општа болница од Охрид.

-Димоска имаше само 50 години и беше работно ангажирана во Интерно одделение на болницата во Охрид и ја загуби последната битка со COVID-19. Дијана завчера беше погребана на Градските гробишта во Охрид, информираат од охридската Општа болница.

Тие потсетуваат на едноставните поуки за неширење на вирусот и дека најсилно оружје против вирусот е нашата свест и одговорност.

– Одржувајте хигиена
– Избегнувајте групни собири
– Држете растојание и носете маска
– Хранете се здраво
– Спортувајте и бидете позитивни

Од ЈЗУ Општа болница додаваат дека никој не е отпорен на овој агресивен облик на вирус.

-Не е важно дали сте млад или стар, богат или сиромав, директор или работник. Дајте нека конечно проработи свеста кај сите нас и нека гордоста и неверувањето ги замениме со горенаведените поуки. Здравјето е најголемо богатство, потенцираат во објавата од ЈЗУ Општа болница Охрид. (Крај)

извор: ЈЗУ Општа болница Охрид фото: ЈЗУ Општа болница Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука