Охрид, 29. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Точно напладне, возила за брза помош на Здравствен дом и Општа болница Охрид, со свирење и ротациони светла и’ оддадоа последна почит на прерано починатата медицинска сестра Дијана Димоска и на сите жртви на опасниот корона вирус COVID-19.
– Димоска имаше само 50 години и беше работно ангажирана во Интерно одделение на болницата во Охрид и ја загуби последната битка со COVID-19, информираат од охридската Општа болница.
Со вклучени сирени и ротациони светла, возилата направија обиколка по охридските улици, во насока на подигнување на јавната свест за заштита и спречување на ширењето на COVID-19.
Од Општа болница Охрид потсетуваат на едноставните поуки за спречување на ширењето на вирусот и дека најсилно оружје против COVID-19 е нашата свест и одговорност.
– Одржувајте хигиена
– Избегнувајте групни собири
– Држете растојание и носете маска
– Хранете се здраво
– Спортувајте и бидете позитивни
Од ЈЗУ Општа болница додаваат дека никој не е отпорен на овој агресивен облик на вирус.
– Не е важно дали сте млад или стар, богат или сиромав, директор или работник. Дајте нека конечно проработи свеста кај сите нас и нека гордоста и неверувањето ги замениме со горенаведените поуки. Здравјето е најголемо богатство, потенцираат од ЈЗУ Општа болница Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио