Охрид, 30. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со вчерашните 18 и рекордните 26 од претходниот ден, во Охрид во моментов има 217 активни случаи на COVID-19, покажуваат официјалните податоци на Министерството за здравство на Република Македонија.
Од нив, дури 112 лица се заболени во текот на последните седум дена. Вкупниот број на заболени лица до овој момент во Охрид од почетокот на пандемијата е 675 лица.
Во соседна Струга има 104 активни, од вкупно 814 регистрирани случаи на заболени лица.
Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 29.558, бројката на оздравени пациенти е 19.994, на починати е 977, а бројот на активни случаи изнесува 8.587.
По драстично зголемениот број на заболени лица вчера одржа средба и Националниот совет за безбедност. На истата било констатирано дека нема потреба од нова вонредна состојба, ниту од рестрикции на движењето. На состанокот не се разгледала опцијата за прогласување вонредна состојба бидејќи сега, за разлика од почетокот на пандемијата, земјава имала функционална законодавна и извршна власт.
Според надлежните, ниту полицискиот час не ги дал очекуваните резултати, туку најдобра заштита останува почитувањето на мерките. Властите ќе ги следат примерите од другите европски држави во справувањето со пандемијата. Доколку има потреба претседателот Пендаровски ќе ја ангажира и Армијата.
Засега нема одлука ниту за затворање на границите бидејќи, како што вели министерот Филипче, проблем е локалната трансмисија на вирусот, а не прекуграничните движења на луѓето. Тој истакна и дека има сосема доволно болнички капацитети и реорганизација на кадарот.
Според последните измени и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести за непочитување на мерката за задолжително носење на маска казната изнесува 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива