Скопје, 30. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Претставници на членовите на Независната угостителска комора (НУК) денеска треба да остварат средба со вицепремиерот за економски прашања во Владата на Република Македонија, Фатмир Битиќи.
Според најавите, на средбата, ќе стане збор за петтиот пакет економски мерки и за поддршката на угостителската индустрија.
– Се надеваме дека средбата ќе даде резултати и во рамки на можностите на Владата со новиот петти сет економски мерки, покрај угостителските работници, финансиска помош ќе добијат и сите зависни и засегнати индустрии, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.
Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостителите од Охрид „Охридски еснаф“ за OhridPress вели дека бараат „пакет мерките за угостителите и музичарите да продолжат сé додека траат било какви рестрикции во работењето, со оглед на тоа што интенција на Владата е зачувување на работните места, оттука произлегува и барањето за субвенционирање на бруто плата, што се надеваат дека ќе продолжи“.
Став на Независната угостителска комора и на сите членки, меѓу нив и на охридски еснаф е да има механизми за олеснување на состојбата додека има редукција во нивното работење.
– НУК и сите членки се согласуваат да ги почитуваат мерките што ги носи Комисијата за заразни болести, ни најмалку немавме други барања, ако е мислење на комисијата да се работи до 18:00 или 21:00 часот тоа ќе е така, немавме ургенции за работното време, оставаме на проценката на стручните лица, ние разговаравме само за економскиот момент. Кога би била друга ситуација треба да се отпуштат вработени, но интенција на Владата не е да се прави тоа, па оттука произлегува барањето за субвенционирање на бруто плата. Секое комунике што сме го имале со надлежните сме изразиле благодарност што Владата излегла во пресрет и бараме додека е проблематична ситуацијата да подлежиме на субвенции, да се осмисли како тоа да се севисира. Своевремено имавме интервенција кон Владата да има измена на условите за користење на мерките, бидејќи барааа бројот на вработени во и вон сезона да биде ист, што кај нас ни вон пандемија не било можно, потенцира Мишев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива