март 9, 2021

Скопје, 9. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија денеска на седница треба да одлучува по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 наутро на територија на цела држава.

Комисијата оценува дека ваквата ригорозна мерка ќе има ефект, а засега предлогот е да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус. Анализите покажуваат дека расте бројот на заразени и ќе расте и бројот на хоспитализација.

Министерстeрот за здравство Венко Филипче, по предлог на Комисијата за заразни болести вчера на Главниот координативен кризен штаб предложи воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 часот наутро, на територија на цела држава.

Од Министерството за здравство наведоа дека Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае истиот.

– Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени, но и зголемен број хоспитализирани. Од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект. Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, стои во соопштението.

Филипче посочи дека се предлага полицискиот час да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус.

– Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје има секојдневно се поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники. Тоа го организиравме денеска во текот на утрото како што беше во ноември, посочи Филипче.

Во моментов во земјава се активни 8.863 случаи на заболени со COVID-19. Досега во земјата се направени вкупно 544.816 тестирања. Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 107.479, бројката на оздравени пациенти е 95.410, а на починати е 3.206. Во Охрид вчера се регистрирани 9 новозаболени, едно починато и 31 оздравени лица. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 60 пациенти. (Крај)

извор: МИА/МЗ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука