април 28, 2021

Струга, 28. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Нема шанса да потпалат – па да градат. Нема да го дозволиме тоа, тврди Рамиз Мерко, струшкиот градски татко, откако вчера инспектори излегоа на терен на излезот од Струга кон Калишта беше запалена поголема површина со трска.

– Нема да никне ниту една градба на струшкото крајбрежје каде што се потпалуваат трски“, дециден е струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој во изјава за DW ги осудува последните масовни опожарувања на крајбрежјето во близина на Калишта.

Тој ја повикува полицијата да помогне да се сочува струшкото крајбрежје, а свој придонес кон тоа, вели Мерко треба да дадат и самите граѓани.

– Тие треба да бидат еден вид на редари, чувари на крајбрежјето и штом ќе забележат некоја ваква активност веднаш да ги алармираат надлежните. Сите мора да се грижиме и да ја сочуваме нашата Струга, вели Мерко.

Претходно тој се „прослави“ со изјави од типот дека „Охрид е влезен во езеро, во Струга нема градби за рушење“, дека „покрај езерото во Струга нема легални градби, а камоли дивоградби“, „нема намера да урива дивоградби“ (кои нели ги немаше), дека „баш го брига што го напаѓале невладините“ и многу, многу слични „бисери“, трошејќи го третиот мандат, кој од само за нив познати причини, му го доделија стружани.

Веднаш по третото палење на трски годинава, Државниот инспекторат за животна средина и инспектори од Одделението за внатрешни работи од Струга извршија надзор на опожареното земјиште на потегот од плажите „Версус“, „Аквариус“ и ресторанот „Аполонија“, во насока кон селото Калишта.

Опожарени се трски и вегетација во појас ограничен со пешачката патека и брегот на Охридското Езеро, со должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри. Овој настан се случи и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека – дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште. По надзорот инспекторите на Одделението за внатрешни работи ќе спроведат истрага до откривање на сторителот, против кого ќе се поднесе кривична пријава, информираат од Државниот инспекторат за животна средина. (Крај)

извор: DW/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука