Охрид, 8. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните кои периодов наназад ги примиле двете дози од некоја од вакцините, ќе добијат сертификат за вакцинација кој ќе го добиваат од својот матичен лекар.
Станува збор за двојазичен документ на македонски и на англиски јазик во кој се внесени личните податоци на лицето, како и тоа која вакцина ја примило, датумот на аплицирање и вакциналниот пункт. Во долниот дел на сертификатот за COVID-19 вакцинација стои бар код со кој практично се докажува дека лицето е имунизирано против корона вирусот. Сертификатот за COVID-19 вакцинација е заверен со дигитален печат од Министерството за здравство на Република Македонија.
Насоките за изработка на овој сертификат се добиени од Европската мрежа за здравје (Europe Health Network) од каде биле предвидени дата сет на податоци кои ги содржи кодот односно тој сертификат, а тоа се: име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, како и типот на вакцина. Сертификатот може да се добие и како потврда, и во електронска форма, по барање на граѓанинот.
Од почетокот на масовната имунизација во салата „Билјанини извори“ во Охрид што функционира како регионален пункт за имунизација се вакцинирани над 2.300 лица, а од ден на ден се зголемува интерерсот за вакцинација против COVID-19.
– Вакцинацијата оди добро, на првиот ден во вторникот имаше околу 500 вакцинирани, потоа 900, па уште 990 следниот ден. Лицата доаѓаат на закажан термин согласно пријавата на страната vakcinacija.mk. Процесот на вакцинација е безбеден, сигурен, вклучени се искусни членови на медицинскиот тим, вели за Супер радио и OhridPress директорот на охридската Општа болница д-р Горан Балески.
Паралелно со имунизација на населението е вакцинираат и здравствените работници од болниците во Охрид и регионот. (Крај)
извор: faktor.mk/ОхридПрес фото: ОхридПрес