јуни 2, 2021

Охрид, 2. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Милиони денари приход оствариле поранешни концесионери на плажи на брегот на Охридското Езеро во период кога немале активни договори за концесија.

Граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето. Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. Општината дошла до фрапантни податоци по направените финансиски анализи, обелодени градоначалникот Константин Георгиески.

– Фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво, рече Георгиески.

Објектите се наоѓаат на опфат на ГУП, концесиите им се истечени, а според него сега е најважно да не обавуваат дејност. Од заштитен аспект мора да се отстрани сé што е во вода. Правниот статус и на овие објекти и на оние што веќе се отстранети е ист. Георгиески апелира до сопствениците да ги затворат и да престанат со вршење дејност, издадени им се известувања за осум дена сами да постапат, по што ќе постапи општината.

Нема достапен опис

– Доколку во иднина се предвидуваат некакви објекти таму тоа е согласно планот што ќе го прави Агенција за просторнио планирање меѓутоа сега ние ќе постапиме по решенијата за отстранување и со ова завршуваат моите напори на дипломатија. Јас две години се убедувам да нема репресија, да нема примена на сила од наша страна меѓутоа за тоа треба доброволно престанок со вршење на дејност затоа што стопанисување и стекнување со противправна имотна корист на атрактивна земја, сопственост на сите нас е кривично дело, децицен е Георгиески.

Инаку на две недели од крајниот рок зададен за комплетно отстранување на поставената опрема на охридските плажи, голем дел од нив се доведени сосема блиску до првобитната состојба.

Нема достапен опис

Екипа на Супер радио и OhridPress неодамна направи обиколка на неколку локации и може да се забележи дека плажите на кои започна постапката за отстранување на диво поставените објекти, се блиску до комплетно отстранување на истите. Веќе ги нема платформите во езерото, како и масивните бетонски платформи, кои беа и најголемиот зафат и за чие отстранување се користеше и соодветна тешка градежна механизација.

Комплетно се урнати и објектите кај плажа „Немо“ во „Горица 3“, со што полека се комплетира процесот кој започна во јуни минатата година.

Нема достапен опис
Слична судбина деновиве имаат и плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани, каде неодамна започнаа активности за отстранување на бесправните објекти. Таму се веќе отстранети сите бетонски елементи и платформи и плажата наликува на старите слики од Охрид од минатите години.

По ова градоначалникот Георгиески најави дека ќе се пристапи кон отстранување на нелегалните објекти и платфомите во делот на месноста „Елешец“. Исто така во текот на наредниот период ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука