Охрид, 7. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со тешка механизација и во присуство на полиција денеска се уриваше уште една плажа на брегот на Охридското Езеро, плажата „Корали“.
Попладнево тешката механизација беше се’ уште на лице место и ги расчистуваше разурнатите објекти и инфраструктурата на плажата.
Со денешната акција продолжува расчистувањето на објектите на плажите, кое до вчера беше најактивно пред Авто кампот „Елешец“ и плажата Atlantic Beach.
Охридските плажи Куба Либре, Кадмо, Бела Виста, Канео и Потпеш од утрово се без напојување со електрична енергија. Овие плажи се опфатени со ГУП-от, но немаат договори за концесија. Оние што не се опфатени со ГУП-от се веќе срушени.
Охридскиот угостителски еснаф од друга страна денеска излезе со став дека не треба сега да се преземаат акции за рушење на атрактивни плажи, и дека тајмингот е погрешен. Затоа и побаравме итна седница на Советот и одлагање на рушењето до крајот на туристичката сезона, изјави претсетателот на Здружението „Охридски еснаф“, Михаил Мишев.
– Вакви акции не треба сега да се реализираат, погрешен е тајмингот. На нашето барање единствено ни одговори Советот, дека немаат ингеренции да решаваат по тоа, ние бевме малку затекнати. Можеше барем да се организира средба на која ќе се продискутира околу овие актуелни прашања. Најголем фокус на нашето барање беше дека вакви акции не требаше баш сега да се одржуваат, без разлика, ние не сакавме да задираме во законитоста на работењето на објектите и нивната градба, туку сметаме дека е погрешен тајмингот кога се случуваат таквите дејствија, потенцира Мишев.
Двете советнички групи во Советот на општина Охрид и градоначалникот на Општина Охрид, д-р Константин Георгиески во петокот одржаа координативен состанок во врска со барањето на Здружението на угостители и туристички работници „Охридски Еснаф“ од Охрид за свикување и одржување на итна седница на советот. На состанокот детално беше разгледано барањето на здружението и сите предложени точки за расправа, по што од страна на двете советнички групи беше донесен заеднички заклучок дека Советот на Општина Охрид нема ингеренции да расправа по ниту една од предложените точки во барањето.
Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески неодамна обелодени дека поранешни концесионери на плажи на брегот на Охридското Езеро во период кога немале активни договори за концесија остварувале милиони денари приход, откако претходно граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето. Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес