Охрид, 9. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Плажата „Куба либре“ е изградена според сите можни проекти и по сите дозволи од државата и општината, изјави Марјан Маловчев од менаџерскиот тим на плажата, откако утринава започна акцијата за отстранувањето на платформата на една од најатрактивните плажи на брегот на Охридското Езеро.
Вели револтирани се зошто никој од надлежните не дошол да каже како треба да изгледа овој дел, од медиумите дознавале што е она што е спорно за УНЕСКО, а се однесува и на нивната плажа
– Од 2007 година ни дадоа проектна документација како да изгледа плажата, оттогаш до ден денес не е мрдната ни лево ни десно, плажата е по сите можни проекти и по сите дозволи од државата и општината. Револтот е тоа што никој од надлежните органи не дојде да каже како треба да изгледа овој дел, што е планот понатаму, кои мерки ние да ги преземеме, ако смета платформата на УНЕСКО ќе ја отсрраниме, но за жал ни известување, ни дојде некој да праша што се случува. Единствено ние што слушаме од медиуми ништо конкретно никаков документ, дури не сме известени дека објектот ќе му се исклучи струјата, вели Маловчев и додава дека сега најголемата неизвесност е што ќе биде со 50 луѓе вработени на плажата.
Јавното наддавање за издавање под концесија на плажите, меѓу кои беше и „Куба либре“ во 2018 година беше прекинато заради неправилности и до денес трае.
Маловчев вели дека изнашле начин по старата концесија да плаќаат кирија. Додава дека истата е подмирена до 28-ми февруари 2021.
– Да не е лажна слика дека правиме криминал. Не се 190 милиони денари профит туку се 216.000 денари промет, 516.000 евра се реинвестиции, 300.000 евра е данок кон државара и сите платени концесии, рече Маловчев.
Додава дека нивните напори биле да бидат светла точка во угостителството, а дали во целата оваа ситуација има и друга позадина вели тоа го знаат надлежните.
Под засилено полициско обезбедување, рано утрово започна отстранувањето на платформата на плажата „Куба либре“. Како што беше најавено ќе се рушат објектите што се наоѓаат на опфат на ГУП, а концесиите им се истечени.
Градоначалникот Константин Георгиески рече дека од заштитен аспект мора да се отстрани сé што е во вода, а правниот статус и на овие објекти и на оние што веќе се отстранети е ист.
Според правниот застапник Михаил Кичеец, постапката не е законска, се игнорира фактот дека постапката за јавно наддавање која би го решила статусот на плажите во Охрид кои се издават под закуп не е завршена.
– Тоа е сериозно пречекорување на овластувањата на општина да ги решава надвор од правните регулации нејзините проблеми со раководење со обалата. Решение нема официјално и не знаеме што ќе се руши, рече Кичеец.
„Куба либре“ има поднесено барање до општина за одлагање на ова извршување, но не е постапено по истото. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес